social image
Приземје
Прв кат

Постојана музејска поставка

Изложба на водоземци

Класата водоземци опфаќа три реда: безножни водоземци (Apoda), опашести водоземци (Urodela) и безопашести водоземци (Anura). Во нашата држава се застапени претставници од редовите дождовници и мраморци (Urodela) и жаби (Anura), со вкупно 15 видови.

Иако се застапени со релативно мал број видови, водоземците се особено интересни бидејќи границите на распространување на некои од нив се наоѓаат токму на територијата на нашата држава. Сепак, овие ’рбетници сè уште се малку познати кај пошироката јавност.

Во воведниот дел од изложбата се претставени нивната надворешна и внатрешна градба, начинот на размножување и развитокот, со посебен осврт на феноменот на метаморфоза.

Во неколку диорами се прикажани најкарактеристичните претставници на водоземците во нивните природни живеалишта. Езерската жаба е претставена во вода, како нејзина типична животна средина. Краставите жаби се прикажани скриени под корења од дрвја, во дупки и други засолништа, додека гаталинката е претставена на листовите од дрвјата.

Преку изложените примероци и диорами, посетителите можат подобро да го запознаат начинот на живот на водоземците, нивните приспособувања и значењето што го имаат во природата. Изложбата воедно ја нагласува потребата од нивна заштита и зачувување на водните и копнените живеалишта од кои зависи нивниот опстанок.