Постојана музејска поставка
Изложбата го презентира богатството и разновидноста на растителниот свет преку репрезентативни примероци од музејската збирка, систематски подредени според нивната припадност – алги, габи, лишаи, мовови, папрати, голосемени и скриеносемени растенија како најбројна група.
Поставката содржи околу 200 видови хербаризирани растенија, меѓу кои посебно место имаат македонските и јужно-балканските ендемити и реликти кои се особено значаен дел од нашето природно наследство и биолошката разновидност.
Меѓу изложените реликтни и ендемични растителни видови се: македонска слезенка, молика, алшарска темјанушка, арсенова темјанушка, Кошанинова темјанушка, Емова мајчина душичка, Маријанино лале, Наталиева рамонда, меурест козинец, Томоросов различнец, Јуришиќева жалфија и македонска кандилка.
Покрај овие видови, во изложбата се претставени и други растенија, меѓу кои различни дрвенести видови, лековити растенија, растенија што се користат како зачини, како и претставници на фамилијата главоцветни растенија.
Преку изложените примероци посетителите можат да ја согледаат разновидноста и особеностите на македонската флора. Изложбата воедно ја нагласува важноста од истражувањето и заштитата на ретките, ендемичните и реликтните растителни видови, како и зачувувањето на нивните природни живеалишта.