social image
Приземје
Прв кат

Постојана музејска поставка

Изложба на влекачи

Од класата влекачи во нашата држава се застапени претставници од редовите желки (Chelonia) и лушпести влекачи (Squamata), во кој припаѓаат гуштерите и змиите, со вкупно 33 вида.

Во воведниот дел од изложбата е претставена надворешната морфологија на влекачите, како и скелетите на гуштер, желка и змија. На примерок од змија ждрепка, подготвен со посебна техника, се прикажани внатрешните органи, со нагласување на нивното карактеристично издолжување кај змиите. 

Во неколку витрини е даден систематски преглед на видовите гуштери, почнувајќи од малото домашно геконче, па сè до змијогуштерот, нивниот најголем претставник во Македонија. Во продолжение е претставена разновидноста на змиите. Во една од диорамите посетителите можат да се запознаат со жолтиот смок, една од најдолгите европски змии. Покрај смоковите и другите неотровни змии, прикажани се и двата вида полуотровни змии. Претставени се и водните змии, како и трите вида змии отровници. Поскокот е една од најотровните змии во Европа, лесно се препознава по карактеристичното „рокче“ на врвот од муцката. Во изложбата се претставени и четирите видови желки што се среќаваат кај нас, два видови сувоземни и два видови водни желки. Неколку диорами ги прикажуваат карактеристичните живеалишта на одделни видови. Речната желка и водната змија рибарка се претставени во водна средина, додека планинскиот смок и шарката се прикажани во високопланински амбиент.

Преку изложените експонати и диорами, посетителите можат да ја запознаат разновидноста на влекачите, нивните приспособувања и природните живеалишта.