Иако д-р Караман е единственото стручно лице, потпомогнато од еден препаратор и едно техничко лице, тој успева да ја збогати музејската збирка и да ги организира првите изложби. Во почетокот, во мошне скромни услови, започнува колекционирањето на фауната од Скопската Котлина. Со проучувањето на собраните материјали се поставуваат темелите на научноистражувачката дејност во областа на биолошките науки во Македонија.
Првите неколку години Музејот бил сместен во некогашното музичко училиште (просветен дом) и тоа само во две простории, недоволни за нормално работење. Тоа било причина да се побараат нови простории, поради што Музејот се преместил во зграда во Дебар Маало, каде што функционирал сѐ до 1934 година.
Поради лошите услови за работа, Музејот бил префрлен во Градскиот парк во некогашната кафеана „Кермес“, а потоа се преместува во зградата на д-р Рубен на улица „Илинденска“, каде што останува до 1941 година. Во неа, на двата ката биле уредени постојаните изложби, а на третиот се наоѓале депоата, лабораторијата и работилницата.
Во овој период се организирале првите истражувања на подземната фауна, при што се откриени многу нови видови и други таксономски категории, дотогаш непознати за науката. Како резултат на овие истражувања се откриени многу ендемски и реликтни видови.
Дејноста на д-р Караман во Македонија како научен работник и истражувач заслужува посебно внимание.
Станко Караман како еден од најпознатите зоолози на Балканскиот Полуостров напишал над 109 научни трудови. Опишал, околу 60 нови видови, подвидови и форми на риби. Караман опишал над 100 нови видови, подвидови и форми од фамилииите на групите Amphipoda, Isopoda и Syncarida – жители на подземните води.
Неговата неуморна колекционерска дејност овозможила на многумина научни работници да опишат голем број нови видови и други систематски категории. Многу од нив го носат неговото име како вечен спомен на неговата неуморна работа. Своите трудови во најголем број ги печати во „Гласник на Скопско научно друштво“, чиј уредник бил од 1937 до 1941 година.
Идејата дека Музејот мора да има свое издание д-р Станко Караман ја реализирал во 1939 година со покренувањето на научното списание „Annales“, од кое излегле седум броеви, но случувањата за време на Втората светска војна го прекинале неговото понатамошно издавање.