Постојана музејска поставка
Орнитолошката изложба им овозможува на посетителите да се запознаат со богатото видово разнообразие на птици во Македонија.
Во воведните витрини се претставени надворешната и внатрешната градба на телото на птиците. Фаунистичкиот преглед започнува со птиците од фамилијата нуркачи. Во неколку диорами се прикажани различни видови што ги населуваат трските, мочуриштата и плитките водни живеалишта. Изложени се повеќе видови чапји, ибиси, диви гуски и патки, како и пеликани и лебеди.
Посебен дел од изложбата е посветен на грабливите птици. Во повеќе витрини се прикажани различни видови – од брадестиот мршојадец, една од најголемите грабливи птици, до обичната ветрушка. Во голема диорама е претставен дел од Демиркаписката Клисура со белоглави мршојадци во нивното природно опкружување.
Во изложбата можат да се видат и претставници на фамилиите фазани, тетреби и дропљи. Повеќе диорами ги прикажуваат карактеристичните живеалишта на еребиците камењарки, модровранките, препелиците, кукумјавките и други видови. Во продолжение се изложени видови клукајдрвци што се среќаваат во Македонија, а во следните витрини се претставени ластовиците, чучурлигите, тресиопашките, пчеларките и други птици. Преку посебно уредени витрини посетителите можат да се запознаат и со разновидноста и градбата на птичјите гнезда.
Преку изложените примероци и диорами посетителите можат да ги откријат особеностите, начинот на живот и приспособувањата на птиците кон различни животни средини.