Постојана музејска поставка
Минералите и карпите се значаен дел од природното наследство и во себе го чуваат записот за долгото и разновидно геолошко минато на Земјата. Минералошко-петрографската изложба го претставува богатството на минерали и карпи од Македонија преку внимателно избрани примероци од различни локалитети, кои сведочат за сложените геолошки процеси што го обликувале овој простор.
Во воведниот дел се претставени кристалната градба и основните физички својства на минералите – кристална форма, боја, сјај, тврдост и цепливост. Понатаму, минералите се систематизирани според нивниот хемиски состав во повеќе групи: самородни елементи, сулфиди, халогениди, оксиди, силикати, карбонати и сулфати. Ваквата поставеност му овозможува на посетителот да ја согледа нивната разновидност и да се запознае со својствата според кои минералите се препознаваат и определуваат.
Минералното богатство на Македонија е претставено со бројни примероци, меѓу кои галенит, сфалерит, пирит, халкопирит, флуорит, кварц, калцит, малахит, азурит, гипс и барит. Посебно место во изложбата заземаат лорандитот, реалгарот и аурипигментот, како и корундот – македонскиот рубин. Нивните впечатливи бои, кристални форми и структури ја откриваат разновидноста на минералниот свет и различните природни услови во кои овие минерали настанувале.
Петрографскиот дел е посветен на карпите, кои според начинот на нивното настанување се поделени во три основни групи – магматски, седиментни и метаморфни. Од гранит, андезит и базалт, преку варовник, песочник и дијатомејска земја, до мермер, гнајс и микашист, изложените примероци сведочат за различните процеси и услови што низ геолошкото време ја обликувале територијата на Македонија.