social image
Приземје
Прв кат

Постојана музејска поставка

Изложба на риби

Изложбата им овозможува на посетителите да се запознаат со големото богатство и разновидност на рибната фауна на Македонија.

Во воведниот дел од изложбата е прикажана надворешната градба на шаранот, како карактеристичен претставник на рибите во Македонија, со посебен осврт на внатрешните органи, скелетот, рибниот меур и страничната линија. Понатаму се претставени градбата на органите за размножување, видовите јајца, оплодувањето и ембрионалниот развиток.

Посебен дел е посветен на исхраната на различни видови риби, меѓу кои плашицата, перкијата, пастрмката и скобустот, како и на нивната распространетост во големите езерски биотопи. Во продолжение се прикажани рибите што ги населуваат големите природни езера во Македонија, како и сливовите на реките Вардар и Струмица.

Посебно внимание им е посветено на ендемичните и реликтните видови риби карактеристични за фауната на Македонија. Покрај охридската пастрмка, тука можат да се видат охридскиот и преспанскиот грунец, моранецот, охридската белвица, преспанската мрена, мергурот и други видови.

Изложбата е збогатена и со повеќе диорами што ги претставуваат карактеристичните живеалишта и однесувањето на одделни видови риби, меѓу кои и пастрмката за време на мрестот во крајбрежниот појас на Охридското Езеро.