Проект за модернизација на на Природонаучниот музеј на Македонија, поддржан со 150.000 евра од Стопанска банка
Природонаучниот музеј на Македонија започнува историски значајна трансформација со поддршка од 150.000 евра, обезбедени од Стопанска банка АД – Скопје. Донаторството е резултат на препознавањето на значењето на музејот како национална институција и неговиот потенцијал како современ едукативен центар.
Денес беше официјализирано стратешкото партнерство помеѓу Министерството за култура, Природонаучниот музеј и Стопанска банка, како силен чекор во насока на модернизација, пристапност и ново музејско искуство.
Вредно партнерство поддржано со 150.000 евра за инфраструктура, дигитализација и иновации
Стопанска банка АД – Скопје, како една од најистакнатите општествено одговорни компании во државата, обезбеди поддршка во износ од 150.000 евра за унапредување на инфраструктурата, дигиталните системи и програмските активности на музејот.
Со средствата обезбедени од Стопанска банка, музејот ќе спроведе низа капитални активности кои директно ќе го подобрат квалитетот на посетителското искуство. Во рамки на проектот ќе се реализира:
- Обнова на влезниот портал и холот
- Изградба на првата интерактивна MAGIC ROOM во Македонија – уникатен простор во кој посетителите ќе доживеат вистински времеплов, патувајќи низ праисторијата, длабоките океани, постанокот на светот и средби со праисториски видови
- Модернизација на веб-страницата со:
- виртуелни прошетки низ поставките
- онлајн купување на билети
- пристап до сите информации за музејот и периодичните научни списанија
- Имплементација на дигитални и интерактивни алатки за едукација и популаризација на науката
- Подобрена пристапност за сите посетители, вклучително и лицата со попреченос
Овие инвестиции ќе овозможат музејот да стане
поинклузивен, поинтересен и поинформативен за децата, младите, семејствата и образовните институции, како и во исполнување на својата мисија – да биде жив едукативен центар кој ја приближува природата до јавноста и ја инспирира новата генерација истражувачи, природонаучници и љубопитни умови.
Лидерството зад проектот
Партнерството беше потпишано од:
- Министерот за култура, Зоран Љутков
- Директорот на Природонаучниот музеј, Ивица Заркадов
- Генерален извршен директор и претседател на Управниот одбор на „Стопанска банка АД“, Хрисула Кутуди
Тројцата лидери истакнаа дека ваквата соработка претставува пример за модерна, одговорна и визионерска поддршка за институциите во културата.
Изјава од директорката на Стопанска банка, Хрисула Кутуди
По повод партнерството, директорката Кутуди ја истакна посветеноста на банката кон науката и образованието:
„Стопанска банка негува долга традиција на поддршка на образованието, науката и на јавните институции. Се надевам дека со ова партнерство ќе придонесеме за нови интерактивни искуства за илјадниците деца кои го посетуваат Музејот секоја година, продолжувајќи ја со тоа научната мисија градена веќе еден век“, истакна Кутуди, изразувајќи благодарност до Министерството за култура и туризам и до тимот на Музејот за нивната посветеност и соработка.
Изјавата на министерот Зоран Љутков
Министерот ја потенцираше важноста на партнерството и долгорочните придобивки:
„Посебна благодарност упатувам до Стопанска банка, која ја препозна важноста на нашата мисија и потенцијалот на музејот како национален центар за еколошко и научно образование. Нивната визија и доверба ни овозможуваат заеднички да отпочнеме процес на суштинска трансформација токму во година кога музејот се приближува кон својот 100-годишен јубилеј. Особено ме радува што преку проектите – од изградбата на првата интерактивна Магична соба (Magic Room) во Македонија, до подобрената пристапност, модерната веб-страница, виртуелните прошетки и новите дигитални алатки, ќе го поттикнеме развојот на љубопитноста, знаењето и креативноста кај најмладите посетители.“
Изјавата на директорот Ивица Заркадов
Директорот на Природонаучниот музеј истакна дека оваа поддршка претставува пресвртница за институцијата:
„Сакам да изразам искрена благодарност до Стопанска банка за нивната донација од 150.000 евра, која беше понудена од нивна страна, препознавајќи го значењето на музејот и вложувајќи во неговата модернизација и развој…“
Тој нагласи и дека:
- Музејот досега имал 10.000–14.000 посетители годишно
- Се очекува најмалку двојно зголемување на посетите со новите содржини
- MAGIC ROOM ќе биде прв и единствен ваков интерактивен простор во Македонија
- Ова е прва крупна донација во 100-годишната историја на музејската зграда.
„Овој проект доаѓа во период кога се подготвуваме да го одбележиме големиот јубилеј – 100 години постоење во 2026 година. Во целото столетие од нашето работење, ова е прва ваква поголема донација директно вложена во музејската зграда. Убеден сум дека примерот на Стопанска банка ќе биде силен поттик и инспирација за многу други општествено одговорни компании да вложуваат во културата, науката и јавниот интерес.“
Тој упати и благодарност до Министерството за култура и туризам и министерот Љутков за нивната континуирана поддршка, која го зајакнува развојот на музејот, науката, природата и туризмот.
„Сите овие промени се јасна најава за тоа како ќе чекориме во нашиот втор век: со иновации, модернизација и партнери кои веруваат во нашата мисија.“