Во рамките на музејските збирки на Природонаучниот музеј на Р. С. Македонија се наоѓа богата збирка на безрбетници создадена со долгогодишната колекционерска и научно-истражувачка работа на Одделението за Инвертебрата.
Проучувањето на безрбетната фауна започнува уште од самото формирање на Музејот, како резултат на истражувањата на подземните води во Р. С. Македонија од страна на д-р Станко Караман. Во годините што следуваат музејското депо се збогатува со примероци од повеќе групи на безрбетници: сунѓери, прстенести црви, ракови, пајаковидни членконоги, полжави и школки, меѓу кои се наоѓаат и повеќе реликтни и ендемични видови. Покрај тоа се формира и збирката на претставници од морска фауна на безрбетници. Во текот на 1996/1997 година Музејот ја презема од Хидобиолошкиот завод од Охрид научната збирка на д-р Славе Хаџишче, која претставува доказ за составот на охридската езерска фауна.
Денес музејската збирка на безрбетници ја сочинуваат повеќе од 50 000 примероци кои припаѓаат на следните збирки:
- Збирка на слатководни сунѓери
- Збирка на црви
- Збирка на полжави
- Збирка на слатководни школки
- Збирка на пајаковидни членконоги
- Збирка на ракови
- Збирка на морски безрбетници