Публикации

 

Содржини:
Annales Musei Serbiae Meridionalis
Acta Musei Macedonici Scientiarum Naturalium
Fragmenta Balcanica
Посебнo изданиe
Фауна на Македонија
Јубилејни зборници

Интензивната научноистражувачка активност што се одвивала континуирано во текот на изминатите години овозможила Природонаучниот музеј да има богата издавачка дејност. Почетоците на оваа активност ги среќаваме во 1939 година со печатењето на првото музејско списание „Annales Musei Serbiae Meridionalis“. Во него биле печатени резултатите од истражувањата на полето на херпетофауната, ентомофауната и флората, и од него се објавени седум броја.
За време на Втората Светска војна издавачката дејност на Музејот била прекината, за да го доживее својот подем во годините по војната.
Тоа е период кога се создале услови за издавање на две сепаратни изданија на Музејот: „Acta“ и „Fragmenta Balcanica“. Во 1953 година излегол првиот број од „Acta“, а во 1954 год. и првиот број од „Fragmenta Balcanica“. Во овие музејски изданија се печателе трудови од областа на таксономијата, биогеографијата и екологијата на фосилната и рецентната флора и фауна од Македонија и другите делови на Балканскиот Полуостров. Бројката од 159 објавени броја од „Acta“ и 315 од „Fragmenta Balcanica“ несомнено го потврдуваат големиот интерес за печатење на одредени трудови на домашни и странски соработници. Потврда за тоа се и имињата на многу еминентни зоолози: С. Караман, З. Караман, Т. Петковски, Р. Микшиќ, Е. Кенигзман, Б. Чурчиќ, Л. Зомбори, Ј. Пап како и ботаничарите Т. Сошка, Х. Ем, И. Павлетиќ, И. Хорват, К. Мицевски, кои публикуваа во изданијата на Музејот.
Во 1964 година како резултат на континуираната научноистражувачката активност се поведе иницијатива за излегување уште на едно музејско издание. Тоа е “Посебни изданија”, од повремен карактер, од кое се отпечатени 9 броја во периодот од 1964-1990. Во 1987 е отпечатен и еден број, прирачник за препарирање на птици – наменет за широката јавност.
Најзначајно, капитално дело за фаунистичките истражувања во Македонија е изданието “Фауна на Македонија”. Првите четири книги од оваа едиција се излезени во текот 1964-68 година од странските истражувачи Thurner, Daniel, Klimesh и Pinker. Во нив тие ги публикуваа своите истражувања за пеперугите во Македонија. Потребата за публикување на вакви истражувања се зголемувала од ден на ден, како резултат на што се отпечатени шест броја од оваа едиција.