Изложба на пајаци 2015

Гостување на тематска изложба „Чудесениот свет на пајаците“

Раководител: Емилија Стојкоска, виш кустос

Тематската изложба’’Чудесниот свет на пајаците’’, која е сопственост на ”ARANEUS” на г-дата Себастиан Вадицки и Јацек Пацина од Полска, е досега добро позната во рамките на Европа. Во претходниот период таа со голем успех гостуваше во повеќе познати европски природонаучни музеи како сто се: Кралскиот музеј за централна Африка во Брисел, Белгија, Сенкербешкиот музеј во Дрезден, Сенкербешкиот музеј во Франкфурт, Музеј на човекот и природата во Минхен, Германија, во Маретариум Котка во Финска, во Амстердамскиот изложбен центар во Кастрикум во Холандија, во Естонскиот музеј на природата во Талин, во Природонаучни музеи во Загреб и Сплит во Хрватска, во Букурешт и други. Во 2015 година за прв пат ќе гостува во Македонија.
Целта на изложбата е воспитно – образовна. Пајаците, чудни и мистични суштества кои поради филмовите и литературата имаат неоправдано лоша репутација, изложбата ги претставува и промовира во едно друго светло. Аверзијата и стравот од нив се често присутени и понекогаш се причина за фобичен страв – арахнофобија. Со овој проект имаме намера да го промениме односот помеѓу луѓето и пајаците, а којшто им наштетува и на двете страни. Изложбата ги промовира пајаците така што посетителите се информираат за нивната вистинска природа и биологија.
Изложбата се состои од стаклени терариуми со живи примероци пајаци, но и други животни кои припаѓаат на класите пајаковидни и стоногалки (скорпии, шкрапли) така што публиката може да се соочи со тие интересни животни. Во непосреден контакт со живи примероци посетителите ќе можат да го сменат односот кон нив, а првичниот страв и одбојност се претвора во љубопитност и симпатија. Деталните описи, фотографии и информативните паноа ќе овозможат да се научи повеќе за овие суштества и нивното значење во природата.
Изложбата од наша страна ќе биде дополнета со информативни паноа на кои ќе се истакнат најважните податоци за диверзитетот на овие без’рбетници во Македонија и карактеристики на нашата фауна. За потребите на изложбата ќе се изработат промотивни материјали: плакат и флаер, а преку медиумите пошироката јавност во Републиката ќе биде информирана за нејзината атрактивност. Изложбата ќе биде поставена во салата за тематски изложби во Музејот, во месеците септември, октомври и ноември 2015 година.