Sphingidae 2015

Ноќни пеперуги (Lepidoptera: Sphingidae) од Македонија

Раководител: Решат Зекири, кустос

Sphingidae е голема фамилија ноќни пеперуги, присутна на сите континенти, претставена со три подфамилии: Macroglossinae, Smerinthinae и Sphinginae. Фамилијата Sphingidae, според von Nieukerken et al. (2011) во светот е застапена со 1450 видови, додека во Европа се познати 40 видови, подредени во 20 родови од 3 подфамилии. Подфамилијата Macroglossinae има 11 родови со 26 видови. Подфамилијата Smerinthinae е претставена со 6 родови и 9 видови. Подфамилијата Sphinginae има 3 рода и 5 видови.
Според податоците од расположливата литература за Македонија се познати 22 видови кои припаѓаат на 17 родови и 3 подфамилии. Од подфамилијата Macroglossinae се потврдени 10 родови со 15 видови. Подфамилијата Smerinthinae е претставена со 4 родови и 4 видови, а подфамилијата Sphinginae има 3 родови и 3 видови. По средувањето на музејската збирка направена е анализа на 305 примероци од фамилијата Sphingidae, што покажа присуство на 3 нови видови самрачници за фауната на Македонија, со што листата на македонските самрачници – Sphingidae се збогати со видовите: Hyles gallii (Rottemburg 1775), Hyles nicaea (de Pruner 1798) и Sphinx pinastri Linnaeus, 1758. Според von Nieukerken et al. (2011) во Fauna Europaea (2010), Version 2.4., htpp//www.faunaeur.org., има 2 вида: Theretra alecto (Linnaeus, 1758) и Sphingoneopsis gorgoniades (Hübner, 1819) кои се означени за присутни во Македонија, но за нив нема никакви литературни податоци во литературата која ни беше достапна.
Истражувањата на литературните податоци и податоците од музејската збирка покажаа дека оваа фамилија ноќни пеперуги (Lepidoptera: Sphingidae) е добро истражена во квалитативен поглед, ако се има во предвид бројчаната застапеност на видовите во македонската фауна, споредена со европската. Од познатите 40 видови во Европа, во Република Македонија се потврдени 25 видови самрачници, но секој иден податок за нови видови или локалитети ќе ја надополни сликата за нивната видова застапеност и распространување во Македонија.
Истражувањата на Музејската збирка Ноќни пеперуги (Lepidoptera: Sphingidae) ќе бидат допринос во проучувањето на фауната на Р.Македонија и збогатувањето на Музејската збирка.