Цитотаксономија на растенија 2015

Флористички и цитотаксономски истражувања на ендемичните и реликтните растенија од Република Македонија

Раководител: м-р Оливера Матевска, виш кустос

Територијата на Република Македонија се одликува со големо флористичко богатство од околу 3700 видови виши растенија. Најважниот сегмент во флористичкиот диверзитет претставуваат ендемичните, реликтните и загрозените таксони кои се опфатени со меѓународните конвенции и директиви. Со најновите податоци презентирани во Студијата за состојбата со биолошката разновидност во Република Македонија, се наведуваат 117 ендемити кои засега единствено се развиваат на територијата на Република Македонија.
Основна цел на проектот е да ги каталогизира, валоризира и категоризира флористичките вредности од интернационално значење, користејки ги притоа меѓународните критериуми според критериумите на IUCN и соодветните конвенции за заштитата на Природното наследство. Предвидено е цитотаксономските и флористичките истражувања да ја опфатат целата територија на Република Македонија.
Теренските истражувања се насочени кон локалитетите кои до сега од наша страна не се посетени или се недоволно проучени. Напоредно со собирањето на флористичкиот материјал се собира и семенски материјал за цитотаксономски истражувања, а се со цел зголемување на бројот на скриеносемени растенија со детерминиран хромозомски број.
Во изминатиот период реализирани се теренски истражувања на пл. Галичица, пл. Јабланица, пл. Козјак и Алшар, локалитети кои претставуваат центри на ендемизмот во Република Македонија. Собрани се околу 200 таксони од кои дел се и цитотаксономски проучени и обработени. Резултатите од цитотаксономските истражувања ке бидат искористени во изработката на Хромозонскиот атлас на скриеносемени растенија во Република Македонија.
Во наредниот период се планира продолжување на теренските активности во централниот и западниот дел на Република Македонија. Детерминирањето на генотипот преку одредување на хромозомскиот број на таксоните од природните популации на вишите растенија ќе има големо значење при изготвување на Црвени листи и Црвени книги.
Според планираните активности реализацијата на овој проект ќе се одвива во периодот март-ноември 2015 година.