Колекција безрбетници 2015

Дополнување на музејската збирка на инвертебратни организми со примероци ракови, пајаковидни, стоногалки, полжави, школки и друго

Раководител: Емилија Стојкоска, виш кустос

Овој истражувачки проект има за цел збогатување на музејската Збирка на инвертебрати со претставници од различни групи без’рбетни животни кои живеат во Македонија, а од кои до сега нема собран материјал или пак има многу малку примероци. Исто така, проектот има за цел да се обезбедат нови материјали за музејската постојана поставка на без’рбетници и за нејзината реконструкција во иднина. Ќе се посетат типичните локалитети на некои од ендемичните видови од сунѓерите, полжавите, стоногалките, пајаковидните и раковите. Колекционирање и постојано збогатување на музејското депо со нов материјал има извонредно големо значење, бидејќи овој материјал претставува единствена документација за диверзитетот на нашата без’рбетна фауна.
Поради постоечките закани на биолошката разновидност како што се: загуба, модификација и фрагментација на станишта, деградација на земјиште, прекумерно користење на биолошки ресурси со прекумерно испасување на тревни површини и пасишта, прекумерно изловување, собирање и трговија со видови од дивата природа, прекумерно и нерационално зафаќање на води со несоодветно почитуван еколошки минимум, загадување на водата и природните водни екосистеми, загадување на воздухот, загадување на земјиштето и почвата и интродукција на неавтохтони видови, потребно е да се обезбедат нови, актуелни податоци за присутноста на нашите ретки и загрозени видови без’рбетници. Теренски истражувања ќе бидат спроведени за да се изврши колекционирање, еколошко опсервирање и мониторинг на некои од најзагрозените видови.
Собраниот материјал претставува единствена документација за нашите идни генерации. Со неговото изложување пред јавноста ќе ги афирмираме природните вредности на Македонија како еден од најзначајните центри на биодиверзитетот во Европа.