Херпетофауна 2015

Мониторинг на херпетофауната во Република Македонија II

Раководител: д-р Весна Сидоровска, кустос-советник

Водоземците и влечугите се исклучително ранливи групи на организми. Повеќето од нив се ограничени на природни живеалишта кои опфаќаат релативно мали територии или дистрибутивни ареали, во чии рамки имаат мала можност да ги избегнат промените на животната средина, дури и кога се работи за краткорочни промени.
Врз основа на досегашните сознанија, херпетофауната на територијата на Република Македонија е претставена со вкупно 47 видови, од кои 15 видови на водоземци и 32 видови на влечуги.
Директивата на Европската Заедница 92/43/EEC за заштита на природните и полу-природните живеалишта и дивата флора и фауна (Директива за живеалишта) беше донесена со основна цел да се воспостави мрежа на заштитени подрачја (Natura 2000) на територијата на Европската Заедница, дизајнирана на начин кој ќе обезбеди одржување на дистрибутивниот ареал и бројноста на популациите на видовите под закана и нивните природни живеалишта.
Три (3) видови на водоземци (Македонски мрморец, балкански мрморец и жолт мукач), како и седум (7) видови на влечуги (ридска желка, полска желка, блатна желка, речна желка, ждрепка, леопардов смок и остроглава шарка) регистрирани на територијата на Република Македонија се на листата на Annex II, додека осум (8) видови на водоземци и 25 видови на влечуги се вклучени на листата на Annex IV од Директивата. Член 11 од Директивата нагласува дека “Земјите членки треба да спроведат процес на мониторинг за статусот на заштита на природните живеалишта и видовите наведени во Член 2, со посебен осврт кон приоритетните природни живеалишта и приоритетните видови“.
Со мониторинг на херпетофауната во Република Македонија, посебно на видовите вклучени во Annex II и Annex IV од Директивата за живеалишта ќе се утврди фреквентноста, абундантноста и статусот на популациите кај различните видови на водоземци и влечуги. Оваа состојба ќе послужи како појдовна основа (основна референтна позиција) за понатамошни анализи и имплементација на меѓународните директиви и конвенции за заштита на природата.