Фосилна фауна 2015

Проучување на ‘рбетната фосилна фауна во Република Македонија

Раководител: м-р Билјана Гаревска, кустос

Од досегашните истражувања имаме сознанија дека Р. Македонија е исклучително богата земја со палеонтолошки материјал, што е потврдено со публикациите на д-р Ристо Гаревски кои најмногу се однесуваат на пикермиската фауна од околината на Велес.
Според сознанијата, покрај Велес истражувана е ѝ околината на Неготино која е слабо проучена, односно локалитетот во с. Долни Дисан. Со истражувањата во 1976, пронајдени се мастодонти и носорози од с. Долни Дисан (Гаревски, 1976; Garevski et Mladenovski, 2006), но локалитетот и материјалот не се комплетно проучени.
Малата колекција на фосили од овој локалитет е во музејското депо и се состои од видови кои водат кон антилопи, газели, хипариони за кои е потребна дополнителна конзервација и анализа. Овој локалитет е исклучително потребен за проучување како би можеле да ја комплетитраме фосилната фауна од околината на Неготино, со што би го дознале патот на дистрибуција и миграција на видовите кон југ. Ова би овозможило да се направи и споредба на видовите со веќе истражената фауна од Велес. Поради прекин на работата на палеонтолошкото одделение, фосилите во депото го загубиле квалитетот и цврстината при што е потребно ново сондирање и колекционирање на материјал за истражување, а воедно и збогатување на постојаната изложба.
Како предмет на ова истражување на овој проект е фосилната ‘рбетна фауна од Кенозојската ера (неогениот период со епохите миоцен и плиоцен) Р. Македонија, од што произлегуваат и наведените цели на проектот:
• да се идентификуваат причините за диверзитетот на видовите на различни локалитети;
• да се провери повторно дали оваа фауна е или пак не é присутна на другите локалитети;
• да се изврши детерминација до најниско таксономско ниво (вид);
• да се наведе кои се специфичните морфометриски карактеристики на видовите;
• да се направи сондирање поради колекционирање на нов материјал од наведениот локалитет;
• да се дефинира геолошката старост и составот на предисториската фауна која се сретнува во источниот и централниот дел на Р. Македонија;
• да се изготви фотодокументација од истражуваните локалитети и видови;
• да се направи обид за изработка на биостратиграфска карта за наоѓалиштето;
• да се изврши конзервација на материјалот во музејското депо.
Од резултатите се очекува добивање важни податоци за еволуцијата, филогенијата, стратиграфијата и палеоекологијата на фосилната фауна на Р. Македонија; збогатување на музејската збирка со природни реткости со што би ја зголемиле соработката со странските палеонтолози при што ќе се овозможи полесен пристап до споредбени материјали.