Каталог на птици 2015

Подготовка на Каталог на птици со потекло од Македонија во музејските и научни збирки и Коментирана листа на видови птици на Македонија, прва фаза

Раководител: д-р Методија Велевски, кустос

Во периодот 1999-2014 година се научно обработени колекциите на птици со потекло од Македонија во музеите во Скопје (Природонаучен музеј на Македонија), Струга (музеј „д-р Никола Незлобински“), Белград (Природонаучен музеј), Тринг (Природонаучен музеј) и Минхен (Државна зоолошка колекција). Во овие колекции постојат 4000-6000 препарати на птици кои потекнуваат од Македонија, од кои повеќето претходно не биле публикувани.
Бројот на публикации кои синтезно ја покриваат тематиката на фауната на птиците во Македонија е релативно мал – тие се обработени во „Каталогот на Фауна на Југославија – Птици“, „Прегледот на фауната на птиците на Балканскиот Полуостров“ и во три „прегледни листи“ на птиците на Македонија.
Заради надминување на постојната ситуација и презентирање на природното богатство на Македонија, во Природонаучниот музеј на Македонија во 1999 година е започната ревизија на збирката птици во Музејот, за што покрај тогашниот кустос, м-р Тодор Ивановски (денес во пензија) беше ангажиран и кустосот-орнитолог од Природонаучниот музеј во Белград, д-р Воислав Васиќ (денес исто така во пензија). Ангажирањето на д-р Васиќ тогаш е сметано за неопходно, заради неговата веќе извршена ревизија на орнитолошките збирки во музеите во Белград, Минхен, и Тринг. Во два наврати, при посета на д-р Васиќ, тој, заедно со музејскиот кустос м-р Ивановски, и со сегашниот кустос-орнитолог во Музејот, беше извршена ревизија на збирките во Природонаучниот музеј на Македонија, Народниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, и збирките на Шумарскиот и Природно-математичкиот факултет во Скопје. Како резултат на таа работа, постои обемна база на податоци на музејските примероци птици. Врз основа на оваа база, е изработена и последната листа на птиците на Македонија (во 2009 година). Оттогаш, во фауната на Македонија се регистрирани повеќе видови птици, и е собран поголем квантум на знаење, делумно објавен како „Значајни подрачја за птиците во Македонија – места од светско и Европско значење“ и „Состојба со птиците во Македонија 2012“, но сè уште не постојат ниту Каталог на птиците на Македонија, ниту критички список на птиците на Македонија.
Цел на предложениот проект е да се дообработи базата на музејски примероци птици од Македонија, истата да се прилагоди на најновите знаења за систематиката и таксономијата на птиците во светот (четврто издание на „Howard and Moore Checklist of the Birds of the World“, 2013, 2014 година) и да се изработи „коментирана листа“ на птиците на Македонија, до подвидово ниво.
Се очекува за изработка на овие публикации да бидат потребни близу три години (2015-2017) и истите да бидат објавени како посебно издание на Природонаучниот музеј и/или во потенцијално обновено музејско издание (ACTA или Fragmenta Balcanica), по повод 90 годишнината од формирањето на Природонаучниот музеј на Македонија (2016 година).
Овие публикации ќе бидат основа за изработка на Каталог на птиците на Македонија, но и основа за реконструкција на изложбената поставка на птици во Музејот.
Проектот предвидува последна проверка на музејските книга на инвентар на збирката на препарати и балгови на птици, нејзино споредување со постојната електронска евиденција, консултација на библиографски извори и нивна обработка.
Како надворешен консултант ќе биде ангажиран д-р Воислав Васиќ, кустос-орнитолог од Природонаучниот музеј во Белград, во пензија.